Како резултат на медитеранската клима, земјоделието и производството на храна отсекогаш имале голема важност за добриот стандард и стопанскиот развој на општината. Се одгледуваат широк спектар на овошје и зеленчук, вклучувајќи производи кои се карактеристични за медитеранско егејското поднебје, како што се смокви, маслинки, калинки, лимон, грозје, киви и други. Под сткленици и пластеници, покрај раноградинарските производи се одгледуваат и различни видови на цвеќиња. Земјоделското земјиште зафаќа површина од 7.800ха, од кои 3.260ха се користат како ораници и бавчи, 1000ха се засадени со лозови насади, 100ха со овошни, 300ха се ливади, 2652ха се пасишта, 28350ха се под шума, а преостанатите се неплодно земјиште. Околу 4/5 од обработливото земјиште е кај индивидуалните земјоделци, 1/5 кај правните лица. Годишното земјоделско производство во овој земјоделски регион тежи околу 100.000 тони, од кои околу 40.000 тони се градинарски производи, 30.000 тони грозје, а преостанатиот род се житни и индустриски култури. Со одгледување на земјоделски култури во општина Гевгелија се занимаваат речиси 4000 домаќинства. Од страна на приватните земјоделски фирми е организирано раноградинарско производство на 70 ха во оранжериите, од кои годишната берба тежи 7500 тони домати и краставици. Благопријатните климатски услови се надополнети и со термоминерална вода, која ја има речиси под целокупниот гевгелиски дел на котлината, со добри потенцијали за квалитетна храна и еко-производи.Ваквите предуслови овозможуваат приоритет во земјоделското производство да им се даде на еко-производите, а крај лозовите насади и зеленчукови градини да никнат неколку винарии и десеттина преработувачки капацитети за овошје и зеленчук