
Одбележан 11 Октомври со полагање цвеќе пред Спомен-Костурницата во Гевгелија

По повод 11 Октомври, Денот на Народното востание, делегација на
Општинскиот одбор на Сојзузот на борци- Гевгелија, делегација од Општина Гевгелија, предводена од градоначалникот Сашо Поцков и делегации на политичките партии од Гевгелија, СДСМ, ВМРО- ДПМНЕ и ЛДП со коалициите, претставници на невладини организации и здруженија, пред Спомен-Костурницата на паднатите борци во Гевгелија положија свежо цвеќе, одбележувајќи го Државниот празник.
Пред присутните, свечено обраќање имаше претседателот на ОО Сојуз на борците- Гевгелија, Ристо Марковски честитајќи го 80-годишен јубилеј од Народното востание, притоа изразувајќи ја својата благодарност до нив што се одзваа на поканата за одбележување на денешниот празник со полагањето цвеќе.
Исто така, во знак на сеќавање, професорот по Историјa, Mиле Смилков, пред присутните се осврна на минатото и случувањата пред 80 години.
- Денес, одбележуваме 80 години од денот кога „пукнала првата пушка“ и саможртвата на десеттици младинци предводени од КПМ. Подоцна, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.
Кога денес стоиме на ова место, искажуваме почит кон сите паднати борци, меѓу кои и 74 херои од Гевгелија и Гевгелиско, кои го дадоа својот живот за животот на нашиот народ во слободна држава и им потврдуваме дека нивната жртва не била залудна, истакна проф. Смилков.
Со едноминутно молчење и поклон присутните оддадоа почит за заслугата на нашите предци кои го дадоа својот живот за живеење на нивните поколенија во сопствена и слободна држава.