
Богата културно-уметничка програма во 2021 година

И покрај присуството на
пандемијата од КОВИД-19, гевгеличани не го почувствуваа отсуството на културните настани во своето секојдневие. Имено, културните институции не беа спречени, напротив мотивирани во 2021 година, во Гевгелија, да не згасне богатиот културен живот. 2021 година и по нејзиното заминување ќе остане запаметена по реализацијата на богатата културно-уметничка програма преку проектите на локалните институции и самостојните уметници. Во работниот културен календар Гевгелија запиша манифестации, значајни за градот, а на задоволство на публиката.
Во кратката рестроспекција низ изминатото дванаесетмесечје, Домот на културата „Македонија“- Гевгелија реализираше повеќе културни настани од областа на театарот, ликовната уметност, музиката и сл. Не згаснаа проектите од сопствената продукција. Урнебесната комедија „Умри машки“, во режија на Катица Џишева Дупарова, во пандемиски услови доживеа 4 изведби. Во организација на Домот, гостуваа и театри од државата. Гевгеличани имаа можност да ги проследат претставите со гостувањата на театрите, како за возрасни, така и за деца, „Ноќите во бел сатен“, „Кротка“ и „Куферко, светскиот патник од Македонија“.
За првпат, беше организиран и „Романтичен пикник“ на Градскиот парк кај Железничка станица со музичкиот перформанс на дуото Александар и Атанас Стојанови. Во соработка со ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија, беа одржани концерти на класична музика. Гостуваа музичките уметници: дуото „Скупи“, „Пијано Трио“, Арда Мустафаоглу, Александра Кировска, дуото „Кировски“ и сл. Достојно беше одбележан и Патронот на градот- Св. Спас, со културни активности одбележани Светската недела на детето, 8 Март со „За тебе љубов моја“ и сл. Како и многубројните изложби и концерти од областа на фолклорот.
Ликовната работилница при Пионерскиот дом, под раководство на Мирјана Крстева Массетти, продолжи со неуморното творештво на ликовни дела, на талентираните гевгеличани. Беше отворена „Новогодишната изложба“, на која беа претставени дела на 24 потенцијални ликовни уметници. Во организација на Пионерскиот дом, во Гевгелија беше отворена изложбата „Црногорско кирилско печатарство 15 и 16 век“, на Матица Црногорска. Исто така, реализирана и Самостојната изложба на склуптури од гевгелискиот ликовен уметник Александар Јанев, Изложба на фотографии „Ноќ во Гевгелија“ од Димитар Новаков, организирана „Тридневна работилница за фотографија“ која на крајот резултираше со изложба на фотографии од учесниците на работилницата, како и одржувањето на традиционалниот „Фолкорен ѓердан“.