Во периодот од 25 до 30 април 2025 година, во Негорци, се одржа 2. по ред Меморијалниот турнир во баскет 3х3 во чест на прерано починатиот Димитар Туртуров – Мите Тути. На Турнирот учествуваа голем број екипи составени од спортисти и рекреативци од градот и околните населени места, што придонесе за создавање на спортска и пријателска атмосфера. Натпреварувањата во машка и женска конкуренција и во повеќе категории се одиграа на реновираното игралиште во дворот на ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци. Овогодишен победник на Турнирот е екипата „Фламинго“, второто место го освои екипата Cabrela Coffee House, додека третопласирана беше екипата Tobbaco LENI PLUS.
Финалната вечер помина во одлична атмосфера, збогатена со настап на КУД „Негорци“- Негорци, којашто ја проследи и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Имено, упати честитки за прекрасната организација на спортскиот настан.
– Одлична финална вечер на баскет турнирот во чест на прерано починатиот Димитар Туртуров – Мите Тути, во Негорци. Честитки до тимот млади луѓе кои го организираа турнирот. Ова е доказ дека влогот во спортот и спортска инфраструктура, придонесува за будење на спортскиот дух кај што повеќе млади луѓе. Игралиштето во дворот на ООУ „Ристо Шуклев“ во Негорци беше опфатено со реконструкцијата на повеќе спортски терени со модерна тартан подлога. Ми беше чест за доделената благодарница од страна на организаторот, за несебичната поддршка од страна на локалната самоуправа- истакна Сарамандов.

















