Манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“ продолжува утре (14 април 2025 година) со Самостојна изложба „Тишина во слики“ на Стефани Брламова. Изложбата ќе биде поставена во Народниот театар- Гевгелија, Галериски простот, а ќе биде отворена од 20:00 часот.
Стефани Брламова за себе и за Изложбата ќе забележи:
– Фотографирам од најмала возраст. Преку кадарот учев да ги забележувам тишините, боите, емоциите. Досега имав чест да бидам дел од неколку групни изложби, но оваа… Oваа е моја. Прва. Самостојна. Во оваа изложба, фотографиите раскажуваат приказни за спокојот, но и за празнината која понекогаш ги исполнува нашите срца,- поканувајќи ги нејзините сограѓани да ја посетат поставката.
Изложбата е со хуманитарен карактер, посветена на сите семејства и поединци погодени од трагедијата што се случи на 16.03.2025 во Кочани. Средствата од продадените фотографии ќе бидат донирани за нивна поддршка. „Тишина во слики“ е поддржана од Europe House Струмица, а ќе се реализира во соработка со ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија.

