ДОБРОДОЈДОВТЕ ВО

ГРАД НА СОНЦЕТО,
ТРАДИЦИЈАТА
И СРЕЌАТА!



Please update your Flash Player to view content.

ГЕВГЕЛИЈА ЌЕ ДОБИЕ СОВРЕМЕНА МИНИ ДЕПОНИЈА ОД ВРЕМЕН КАРАКТЕР

Советот на општина Гевгелија на последната седница пред годишните одмори донесе одлука за утврдување на локација за изградба на мини депонија од времен карактер за комунален отпад во Гевгелија.

Градоначалникот на општина Гевгелија Иван Франгов објасни дека поради двојно зголемените количества на комунален отпад, како резултат на бегалската криза и недоволниот капацитет на постојната депонија во Гевгелија, се наметнала потребата од изградба на нова мини депонијка од времен карактер. И тоа, се до изградбата и профункционирањето на Регионалната санитарна депонија во рамките на Југоисточниот плански регион предвидена во Добрешево.

Проектот ќе се финансира преку Програмата за развој на ОН (УНДП) од доделениот грант од Јапонската влада, која обезбеди 2.225.000 долари како поддршка на згрижувачките општини, Гевгелија и Куманово, кои  беа директно погодени од транзитот на скоро еден милион бегалци и мигранти во изминатите 12 месеци, Јапонскиот грант, согласно програмата на УНДП, е наменет за управување со отпадот и подобрување на водоснабдувањето, 

УНДП организираше истражување на теренот за одредување на најпогодна локација и изработка на критериуми за оваа мини депонијата според најсовремените светски стандарди. На седницата од страна на стручните лица Поинт про компанијата беше образложено дека по истражувањето на десетте можни локации, согласно светските стандарди за вакви проекти и сите параметри, е предложено мини депонијата да се гради на локацијата во близина на Ново Конско, во државна сопственост и на површина од 20.000 метри квадратни.

Со утврдувањето на локација од страна на Советот на општината започнува постапката за изработка на елаборат за влијанието на животната средина и јавна расправа по него за да се слушне и мислењето на граѓаните. Меѓутоа, неподелено е мислењето дека Гевгелија конечно ќе добие современа депонија, која по изградбата на Регионалната санитарна депонија може да се користи како претоварна станица.

Градоначалникот Франгов го информираше советниците дека покрај донацијата за изградба на времена депонија во Гевгелија, дел од средствата од јапонскиот грант, наменети за Гевгелија, ќе бидат насочени за реконструкција на постојните бунари со вода за пиење кај Вардар. Со реконструкцијата ќе биде извршено и зголемување на капацитетот на вода за пиење од 50 на 100 литри во секунда.

Инаку, Советот на општината на последната седница донесе и одлука за измена и дополнување на Буџетот на општина Гевгелија, по потпишаниот договор со Министерството за финансии за добивање подзаем од над 83 милиони денари од Светска банка, како и договор за ИПА-грантот во износ од 260.000 евра, кои средства ќе бидат наменети за изградба на новиот водоснабдителен систем во Гевгелија.




БИЗНИС ПОНУДА

КУЛТУРА

ТУРИСТ ИНФО

АКТУЕЛНО

_____________________
 

НАРЕДНИ НАСТАНИ

_____________________