На 26 април 2025 година, сцената на Народниот театар во Гевгелија беше обоена со елеганција, страст и современ танцов израз преку балетската претстава „Велеградски варијации“ од композиторот Љубомир Бранѓолица. Оваа ретко изведувана балетска класика, обновена по цели 66 години, беше дочекана од многубројната публика која го исполни седечкиот капацитет до последно место. Настанот започна со настап на учениците од Балетскиот оддел при ООМУ „Васо Карајанов“ – Гевгелија, кои под менторство на кореографката Виолета Чокова, се претставија со неколку кратки кореографски точки.
Во главниот дел, претставата „Велеградски варијации“ оживеа преку нова, современа кореографија, базирана врз оригиналната поставка на Олга Милосавлева, а уметнички разработена од тим составен од Александра Мијалкова, Соња Здравкова-Џепароска, Елизабет Колевска, Сања Шутевска и Дарија Џепароска. Уникатноста на оваа изведба беше токму во нејзината меѓугенерациска структура – соработката помеѓу искусни професионалци, студентите од Катедрата за балетска педагогија на ФМУ, учениците од Oсновното и Средното училиште ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ Балетски оддел, студенти по актерска игра од „Еуропа Прима“ и Балетското студио „Аврора“. Публиката беше особено импресионирана од драматургијата на балетот која, преку урбани ликови и животни ситуации, ја разработуваше темата на љубовта во сите нејзини облици.
Овој настан, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија“, а во рамки на „Гевгелија град на култура 2025 година“ беше спој на различни генерации, од деца до етаблирани уметници, што навистина го збогати културниот живот и на гевгеличани, но и присутната публика од другите градови на Македонија.




















