Вчера (29 април 2025 година), Општина Гевгелија беше домаќин на 14. едукативна работилница од патувачкиот карван на општественото-оговорна кампања на „Макпетрол“- „Крени глас против врсничкото насилство“. Едукативната работилница посветена на темата врсничко насилство се одржа во Народниот театар во Гевгелија и беше наменета за родители, наставници и стручните соработници од основните училишта на подрачјата на општините Гевгелија, Валандово, Ново Село и Дојран.
Преку оваа интерактивна сесија, родителите имаа можност подобро да се информираат за врсничкото насилство, да научат како да го препознаат и соодветно да реагираат.
Работилницата ја водеа актерот Сашко Коцев и психологот Деспина Стојановска, со поддршка од Петар Јанчев, помлад соработник во Одделение за социјална, здравствена, детска и други заштити – Гевгелија; Габриела Ашикова, предметен наставник во ООУ „Јосип Броз Тито“ од Валандово и Владо Ефтимов, директор во ООУ „Мануш Турновски“од Ново Село.
Минатата година, исто така, во рамки на општествено-одговорната кампања на „Макпетрол“, во Гевгелија беа одржани работилници за врсничко насилство, на коишто учествуваа учениците од 6., 7., 8. и 9. одделение од ООУ „Владо Кантарџиев“ и ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија и стручните соработници од двете училишта, ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци и ООУ „Климент Охридски“- Миравци. Низ практични примери беа воведени во видовите врсничко насилство, како и намалување на ваквата негативна појава преку негување на доблестите на човекот со коишто светот може да биде поубаво место за живеење- другарството и соработката.
Како општествено-одговорна компанија, покрај во Гевгелија, „Макпетрол“ ја спроведува оваа кампања на подрачјата на неколку општини коишто изразија желба за соработка со цел борба против и соочување со врсничкото насилство, негово препознавање и соодветно третирање.





