Во рамките на манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“, гевгелиската публика имаше драгоцена можност да проследи театарска претстава не само што плени со својата уметничка изведба туку и длабоко допира до совеста. На 10 април, во Народниот театар – Гевгелија, беше изведена претставата „Јас, на некое друго место“, од репертоарот на Народниот театар при НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, чие гостување беше во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“ – Гевгелија.
Под режисерската палка на Јован Ристовски и според драмскиот текст на Ана Ристоска Трпеновска, на сцената беше изведена драмска приказна што отвора рани и повикува на размислување. Претставата преку фантастичната актерска игра на: Марија Минчева- Андонов, Елена Шорова- Дербов, Пеце Ристевски, Ангелка Нашкова, Миле Вратеовски, Ефтим Трајчов, Ава Хусеини и Стефанија Митовска суптилно, но моќно говори за внатрешната празнина, отуѓувањето, рамнодушноста. Носи јасна порака- дека луѓето не треба да забораваат да мислат едни на други, да си помагаат едни со други и да се разбере што навистина се крие зад „добро сум“. Иако расплетот завршува пред поклонот на актерите, дејството продолжува да трае со одекнување во мислите на гледачот.


